Локалната самоуправа на Зрновци денеска обезбеди службено патничко возило за потребите на општинската администрација, со што поефикасно и полесно ќе се извршуваат работните задачи.
Возилото од марката „oпел aстра h 1.5 “ е добиено како подарок од Заедницата на единиците на локалните самоуправи (ЗЕЛС), за што нејзиниот претседател, Орце Ѓорѓиевски и градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев потпишаа договор.

-Нашата општина беше меѓу ретките, можеби и единствена во државата, што не располагаше со службено патничко возило, иако потребата за тоа беше голема, поради што бевме принудени да ги користиме сопствените автомобили. Старото општинското возило, набавено пред околу две децении, постојано беше во дефект, со високи трошоци за сервисирање и одржување, така што немаше економска оправданост да се користи. Благодариме на разбирањето што го имаа во Управниот одбор на ЗЕЛС, како и на директорката Перишиќ и претседателот Ѓорѓиевски, ни отстапија половно возило, кое е во добра возна состојба, истакна градоначалникот Коцев.
Скромниот буџет со кој располага една од најмалите општини во државата ја принудува на рационално и наменско трошење на средствата. Во тие рамки, а со оглед на потребите за комунално уредување, кон крајот на март годинава беа инвестирани околу 5,5 милиони денари од буџетот, со кои е набавена градежна машина ровокопач-утоварувач.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






