Општина Зрновци почна постапка за набавка на комбинирана машина ровокопач-утоварувач, чија пазарна вредност е проценета на околу 5,3 милиони денари. Машината ќе се користи за подобрување на комуналната инфраструктура, за уредување на улиците и локалните патишта во полскиот и планинскиот регион, чистење на банкините и за други комунални активности што ќе овозможат значително подобрување на условите за сите граѓани на општината
Градоначалникот Борчо Коцев веќе ја потпиша одлуката за јавна набавка со која треба да се избере добавувач на машината, откако на последната седница на Советот на Општина Зрновци беше дадена согласност за реализација на постапката. Најголем дел од средствата се обезбедени преку Бирото за регионален развој, а од општинскиот буџет е издвоен уште еден милион денари, како кофинансирање, за да може да се спроведе набавката.
-Уште со самата апликација за проектот во барањето стоеше сума од 5,2 милиони денари. Беа обезбедени 4,3 милиони, а ние треба да предвидиме дополнителни средства, следејќи ги пазарните цени. Не знаеме колку ќе се постигне на електронската аукција, имајќи предвид дека нема многу фирми-увозници што нудат такви тешки машини. Според примерот од другите општини, треба да планираме околу таа сума и да обезбедиме еден милион, што веќе е предвидено во буџетот и беше донесено на претходната седница, истакна градоначалникот Коцев.
Според техничката спецификација на објавениот јавен повик, од добавувачот се бара да обезбеди комбинирана машина ровокопач-утоварувач со моќност на моторот од 100 коњски сили и работна зафатнина од 4.000 кубни сантиметри, да може да крева товар од минимум три тона, а корпата за товарање да има зафатнина од најмалку 1,1 кубен метар.
Рокот за поднесување на понудите до Општина Зрновци е до 8 март, а испораката треба да се реализира во период од 15 дена по потпишувањето на договорот со избраниот понудувач.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.