– Сите да направиме една иницијатива да се најде во Кочани уште една мерна станоца, затоа што оваа мерна станица, покрај другото, сите возила застануваат таму. И уште нешто што ми и е сугерирано, таму има скара на јаглен, многу блиску, која чадот што го испушта дава страшно поразителни податоци на мерната станица. Ако е тоа така, тогаш да бидеме помирни и поспокојни дека навистина Кочани не е толку загаден како што покажува мерната единица, рече Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Постојната мерна станица, што е лоцирана на улицата “Глигор Апостолов – Гочо“, е во непосредна близина на крстосницата каде поради честите застои на возилата се јавува зголемена концентрација од издувни гасови. Оценка е дека тоа не ја отсликува вистинската состојба, па се случува да се добијат повисоки резултати на загаденост на воздухот во споредба со градовите каде што реално таа постои.
Податоците за состојбата со воздухот минатата зима покажуваа присуство на ПМ10 честички и над 100 микрограми на метар кубен, со што Кочани често влегуваше во светлоцрвено високо ниво на загаденост.
Од Локалната самоуправа очекуваат со поставувањето на уште една мерна станица да можат да се пресметуваат и просечни вредности на загаденоста од двете локации, што би биле пореални со фактичката состојба на терен.
Т. Ајтовски
{fshare}
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.