Општина Кочани објави јавен повик за продажба со јавно наддавање на градежна парцела во непосредна близина на градскиот базен и стадионот „Никола Мантов“, што е наменета за изградба на бањски, односно спа комплекс.
Целта е да се искористат потенцијалите на геотермалната вода чиј цевковод поминува покрај парцелата, која е со површина од 12 илјади метри квадратни.

Почетната цена на јавното наддавање изнесува 583 денари за квадратен метар, при што заинтересираните треба да достават гаранција во висина од над 14 илјади денари. Пријавувањето е до 23 јуни годинава.

В.д. градоначалникот Венко Крстевски, во објавата на својот фејсбук профил нагласува дека целта е да се обезбеди физичка релаксација и закрепнување, со оглед што геотермалната вода и хидромасажата помагаат за опуштање на мускулите, побрзо закрепнување од спортски повреди и подобрување на циркулацијата на крвта.

Исто така, целта е да се искористат лековитите ефекти во лекување на нервни заболувања, дигестивни проблеми, гинеколошки состојби, егземи и дерматити.
Посетата на СПА центар овозможува намалување на стресот, подобрување на менталната благосостојба и целосна релаксација. Со изградбата на центарот може да се привлечат домашни и странски посетители, што ќе го зајакне туризмот во Кочани и ќе создаде нови работни места, додава Крстевски.
Парцелата за спа комплексот е вцртана во деталниот урбанистички план што Општина Кочани го донесе уште пред околу две децении, но досега немаше повик за продажба и објектот не се реализираше во практика.
На следните две промотивни видеа е претставено како бил замислен проектот во 2003 година и сега.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






