Локалната самоуправа на Кочани ќе набави половен булдожер што ќе се користи за распоредување на отпадот и одржување на комуналната депонија кај селото Бели.
За оваа намена е планирано од општинскиот буџет да се потрошат над 1,8 милиони денари без обврските за ДДВ, а веќе е објавен јавниот повик од тендерската постапка што трае до 16 мај.
Според техничката спецификација во повикот, се бара машината да поседува корпа за товарање од минимум 3 кубни метри, со минимална моќност на моторот од 136 коњски сили и да тежи најмалку 14 тони. Со оглед на специфичноста на понудата, во повикот е наведено дека набавката ќе се спроведе без користење електронска аукција. Обврска на добавувачот на машината е да ја испорача во исправна состојба во рок од еден месец по потпишувањето на договорот за купопродажба.

Обезбедувањето машина за одржување на депонијата е повеќе од неопходно со оглед што по нејзиното средување кон крајот на октомври минатата година, што се реализираше со механизација на конзорциумот „Бехтел – Енка“, исфрлањето на отпадот е постојана закана од враќање во претходната состојба. Булдожерот што КЈП „Водовод“ го користеше за оваа намена, пред неколку години беше сериозно оштетен и користењето беше оневозможено.
Вчера в.д. градоначачникот Венко Крстевски информираше дека веќе се работело на средување на натрупаниот отпад и воспоставување ред при истоварувањето, со цел во пресрет на летниот период депонијата да биде уредена и да не претставува критична точка за аерозагадување.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.