Градоначалникот Љупчо Папазов и директорката и членка на Управниот одбор на АД „Макпетрол“, Марија Јосифовска-Спасовска денеска потпишаа меморандум за соработка, со што Општина Кочани ќе биде вклучена во општествено-одговорната кампања, преку која оваа компанија дава придонес во решавањето на проблемот со врсничкото насилство.
Во рамките на кампањата, учениците кои посетуваат настава во основните училишта во општина Кочани ќе се стекнат со знаења за врсничко насилство. Тие ќе учествуваат во работилници со психолог којшто, врз основа на своето долгогодишно искуство за справување со проблемот, ќе сподели најразлични едукативни информации за насилството меѓу врсниците.
Целта на кампањата е врсничкото насилство да се третира како сериозен проблем во општеството и да се најде начин како да се препознае, а потоа и соодветно да се реагира.
Партнерството меѓу „Макпетрол“ и општините се очекува да придонесе за подобрување на состојбата на децата и на младите, на кои врсничкото насилство има директно и долго влијание.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.