Со низа комеморативни aктивности, Општина Кочани ќе ја одбележи првата годишнина од трагичниот настан што се случи на 16 март 2025 година во клубот „Пулс“.
Градоначалникот Владко Грозданов на прес-конференција информираше дека Локалната самоуправа, во соработка со организациски одбор составен од претставници на здружението „16 март 2025 Кочани“, Црвениот крст, Црквата, Болницата и Центарот за култура „Бели мугри“, подготви достоинствена програма за оддавање почит на загинатите и поддршка на повредените.
Активностите ќе се реализираат во текот на три дена, при што 14 март ќе биде посветен на православни содржини и молитвено сеќавање за упокоените во несреќата, со цел постигнување духовно единство во нивна чест.

-На 15 март настанот го насловивме „Кочани Ви благодари“. Овој ден ќе биде посветен на повредените и на благодарност кон сите институции, здравствени установи, здружени поединци и сите сите кои не ги спомнавме овде, но ги помтиме и сите што помогнаа младите да преживеат и да закрепнат. Од наша страна официјално се упатени покани до сите здравствени установи што беа вклучени во помошта, но сакам еве јавно да се обратам и да ги охрабрам самите повредени деца кои се сеуште во контакт со болниците каде беа лекувани. Ве охрабрувам сами да си ги поканите своите доктори и медицински крепители. Општина Кочани е овде и ќе ги удостои со топол и срдечен прием, ќе и обезбеди сместување и сите потребни почести. Планираме поканетите делегации и институција и здружение што го дадоа својот придонес во целата таа трагедија да ги одликуваме со статуетки на благодарност, по што настанот ќе продолжи со пригодна културно-уметничка програма како израз на живот, надеж и заедништво, истакна Грозданов.

По состанокот што се одржа во Опшрината со сите вклучени страни во организацијата на настаните, градоначалникот информираше и за комеморативните настаните на денот на трагедијата – 16 март.
– Содржините на тој ден ќе бидат посветени на достоинствено оддавање почит на починатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“. Младите, кои трагично ги загубивме, ја заслужуваат нашата почит, заслужуваат почит која треба да ја изразиме мирно, достоинствено и сплотено, како што доликува на заедница што памети и што се грижи. Им благодарам на сите со кои најдовме заеднички јазик за подготовка на оваа програма. Верувам дека во најголем ред сплотеност и заемна почит ќе го реализираме овој настан, заклучи Грозданов.
Тој додаде дека целта на ова одбележување не е само сеќавање на болката, туку отворање на нов лист во заедничкото делување за Кочани да стане општина на сплотеност, истрајност и мир.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






