Општинската организација на СДСМ – Кочани синоќа во Мултикултурниот центар одржа изборна општинска конференција, на која доби нови раководни органи.
По едноминутното молчење за трагично загинатите жртви во дискотеката „Пулс”, беше направен избор на работни тела и предлози за партиски органи , а беа избрани и нови членови на Извртшниот и Надзорниот одбор на Општинската организација.

Претседателот на ОО СДСМ – Кочани, Игор Христов се заблагодари за укажаната чест и доверба, а воедно и големата обврска да се раководи општинската организација. Притоа истакна дека сите заедно, масовно, здружени и сплотени во социјалдемократски дух ќе се заложи за надминување на тешкиот и трауматичен период за Кочани.

На изборната општинска конференција присуствуваше делегација од централното раководство со претседателот Венко Филипче.

Во обраќањето, Филипче искажа несебична поддршка, потенцирајќи дека не е важен само социјалдемократскиот член, туку секој поединец од Кочани и СДСМ во овој сензитивен период.
-Бевме внимателни. Бевме емпатични кон луѓето и родителите во Кочани. Им се наоѓавме, прашувавме што и да треба, и сѐ што можевме – помогнавме. Во ниеден момент не ја политизиравме трагедијата. Покажавме што значи да се биде политичка партија која делува одговорно. Не сакавме, буквално со ништо, по трагедијата да извлечеме каква било политичка корист. А што направи власта? Прво, не испорача правда. Понатаму не испорачува здравствена услуга и грижа. Не обезбеди финансиска поддршка и не прифати закон за Кочани. На крај, почна да ги обвинува родителите дека биле инструмент на некоја политичка партија. Тие луѓе, коишто не спиеле со недели, шокирани од она што им се случи – ги нарекуваат со погрдни зборови, за кои ви гарантирам дека дури и не знам што значат. Во таква ситуација, врв на бесчувствителност е – на денот кога родителите протестираат – да организираш настан на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и да запалиш пиротехнички средства, истакна Филипче.


©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






