На пригодна предновогодишна свеченост што ја организираше Општинската организација на Црвен крст – Виница им беа доделени признанија на најдобрите крводарители.
Под покровителство на Општина Виница и на градоначалникот Митко Костадиновски, признанија добија хуманите граѓани кои во текот на изминатиот едногодишен период се најдоа во групите кои 50, 75 и 100 пати дарувале крв.

-Со години наназад општина Виница гордо го носи приматот како прва во државата според процентуално крводарување, а таа традиција успешно ја продолживме и оваа година. Во 2024 година, не само што го реализиравме планот, туку го надминавме со неверојатни 264 проценти, што е доказ за вашата хуманост, солидарност и несебичност. Овие бројки не се само статистика, туку вистински спасени животи и надеж за многу семејства. Вашиот пример е инспирација и поттик за младите генерации да ја продолжат оваа хумана мисија, истакна Благица Симеонова, претседателка на општинскиот Црвен крст – Виница.

Јавна благодарност до крводарителите за нивната несебичност во спасувањето туѓи животи и во помагањето на други луѓе на кои им е потребна крв упатија од општинската организација на Црвен крст, при што беше нагласено дека е чест да се живее со сограѓани кои се исклучително хумани и солидарни.
-Успехот на општинската организација на Црвен крст – Виница не е наш успех, успехот е ваш и целото ова дело го имате градено вие со години. Вашата приказна пренесете ја на некој друг, за херојството и дарувањето крв никогаш да не згасне, истакна Маја Спасoва, в.д. секретар на Црвен крст – Виница.

Во рамки на предновогодишната средба со крводарителите признание за 25 пати дарувана крв му беше доделено и на градоначалникот Костадиновски, како и на здруженија, правни субјекти и инситуции кои даваат придонес во унапредувањето на крводарителството во општината. Со музички точки свеченоста ја збогатија волонтери кои исполнија класични и традиционални композиции.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






