Во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ – Кочани е донесена одлука да се забрани користењето на мобилни телефони од страна на учениците, а исто така изготвен е и Кодекс на облекување. Употребата на мобилните телефони се забранува во целост, односно за време на часовите, малите и големите одмори.
Телефонските уреди ќе може да се користат откако ќе завршат часовите. Доколку учениците имаат потреба да контактираат со родителите за време на наставата, тоа ќе може да го направат преку одделенскиот раководител, стручната служба или директорот.
Доколку некој ученик биде забележан дека го користи мобилниот телефон за време на наставата, истиот ќе му биде одземен и предаден кај службите, а ќе биде вратен кај родителот на крајот од учебната година.
Во Кодексот на облекување е наведено дека не е дозволено носење здолништа и кратки панталони, маици без ракави, спортски хеланки, искинати фармерки, високи потпетици и слично.
Правилникот за користење на телефони и Кодексот на облекување се поддржани и усвоени од Советот на родители, Наставничкиот совет и Училишниот одбор.
Одлуките веќе се применуваат и се однесуваат на сите ученици од прво до деветто одделение.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.