ОУ „Св. Кирил и Методиј“ од Кочани се вклучува во нов проект од Еразмус+ програмата на ЕУ, а во партнерство со училишта, невалдини органзиации и општини од Грција и Бугарија.
Носител на проектот GAME EDU е бугарската општина Брацигово, а проектните активности се наменети за учениците од одделенска настава и ќе се реализираат до средината на 2025 година.
Договорите за соработка на партнерите во рамки на проектот беа потпишани во Кочани, при што секој од нив имаше и кратко претставување на активностите и целите што ги извршува.
-Проектот е наменет за учениците од одделенска настава, особено за оние кои имаат потешкотии во совладувањето на наставните содржини и програми што се предвидени од Бирото за развој на образованието. Наставниците ќе се оспособат на малку поинаков начин да ги пренесуваат содржините, за почеток по предметите англиски јазик, математика и природни науки, за да можат овие ученици полесно да ги совладаат. Во контекст на проектот, ќе се изработуваат посебни едукативни игри, ќе биде употребена нова софтверска програма, до максимум ќе биде искористена информатичката технологија, со што преку игра учениците ќе можат да ги совладаат наставните содржини и да бидат во тек со другите ученици од нивната возраст, истакна Даниел Кралев, директор на ОУ „Св. Кирил и Методиј“.
Дополнителен ефект од реализацијата на проектот треба да биде јакнењето на соработката меѓу училиштата од трите држави, но и меѓу невладините организации и општините.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.