Општина Зрновци обезбеди финансиски средства за реконструкција и доградба на ОУ „Синиша Стоилов“ преку Програмата за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2025 година на Министерството за локална самоуправа.
За реализација на градежните активности, што ќе се одвиваат во соработка со Центарот за развој на Источниот планскиот регион, обезбедени се 4,8 милиони денари.

На почетокот на идната недела ќе се распише јавен повик за избор на изведувач, а до 10 декември годинава треба да се реализира доградбата и реконструкцијата на училиштето во Зрновци.
-Финансиската конструкција за активностите изнесува вкупно 5.075.000 денари, од кои 4.800.000 се од Министерството за локална самоуправа, а останатите средства се од Општината. Со оваа доградба се обезбедуваат комплетно три нови училници, од околу 150 метри квадратни, како и внатрешно уредување на истите. Моментално две одделенија од наставата ја следат во помошен објект и со оваа реализација сите одделенија, сите ученици ќе бидат сместени во зградата на ОУ „Синиша Стоилов“, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.
Со проектот беше предвидено и да се изгради нов објект во училишниот двор, односно до спортската сала, со намена за теретана и фитнес вежби.
Капацитетот на училиштето во Зрновци е за околу 150 ученици и со доградбата и реконструкцијата што треба да завршат до есен се очекува учениците да добијат современи и подобри услови за настава.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






