Здружението на граѓани „Еко Логик“ од Скопје во соработка со Општина Кочани организираше панел дискусија на темата: „Зошто граѓанска наука во образованието?“ на која присуствуваа ученици, наставници, граѓански активисти, како и претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Целта на дискусијата беше да се поттикне интересот и вклученоста на младите и во истражувачки проекти на граѓанска наука, а заради адресирање на локалните еколошки предизвици во општината. Очекуваниот резултат е поттикнување на поголема соработка помеѓу младите, училиштата, општината и граѓанските здруженија.
-Граѓанската наука е важна во образованието затоа што на тој начин младите можат да се стекнат со многу повеќе вештини, затоа што граѓанските научници се аматери, без претходно познавање од наука или истражување, но преку процесот за собирање податоци, соработка на работилници со стручни лица и професори ќе можат да научат како да направат истражувачки проект. Нашите активности се спроведуваат паралелно во Кочани и во Скопје, веќе направиме испитување колку учениците знаат што е граѓанска наука и што ги поттикнува генерално да се интересираат за науката. Видовме дека ако има професор што ги поттикнува, најмногу учат за работите за кои им буди интерес, како на пример за зачувување на животната средина, истакна Стојне Тодоровска, програмски координатор во „Еко Логик“.
Вклучувањето на учениците од Кочани во проектот на здружението „Еко Логик“ е поради позитивните искуства и резултати што претходно се остварени во слични активности.
-Сакаме да ја промовираме граѓанската наука, но и процесот на искуствено учење. Тоа е учење преку практика, практични активности, каде луѓето и грешат, но тоа е најдобриот начин за учење. Затоа ги охрабруваме сите, колку што е можно, да го практикуваат процесот на искуствено учење, наставниците што е можно повеќе да ги наведат учениците на грешка, со цел од неа да изведат поука, и потоа да продолжат на оној начин како што се очекува, истакна Никола Нешкоски, директор на „Еко Логик“.
Панел дискусијата е дел од проектот „Хаб на истражувачи“, финансиран од Амбасадата на САД. Како дел од активностите во текот на годината ќе се одржи камп на кој учениците ќе имаат практичен тренинг за граѓанската наука и ќе договараат какви проекти е потребно да се реализираат на локално ниво.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.