Движењето За наша Македонија – ЗНАМ во Кочани го одржа изборното собрание на кое беше избрано раководството на општинскиот партиски огранок. Пред присутните делегати и граѓани на работниот состанок беа претставени основните политички определби според кои ќе дејствува партијата, која е веќе активна во другите градови во државата.
На изборното собрание присуствуваше и претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски кој накратко се осврна на досегашните и на наредните активности на партијата, нагласувајќи дека со свои кандидати таа ќе се вклучи во претстојните парламентарни и претседателски избори. Притоа истакна дека очекува поддршка од граѓаните кои ќе ги препознаат вредностите во програмските определби за кои се залага партијата.
-Најавувам учество на партијата на следните претседателски и парламентарни избори, ќе имаме свои кандидати, носители на листи и кандидатски листи за пратеници во сите изборни единици, како и со претседателски кандидат. Знам дека никогаш повеќе во државата нештата нема да бидат исти како до сега, факт е дека движњето ЗНАМ со поддршка од граѓаните се промовира во трета опција во државата. Самата кампања тоа ќе го покаже, а наша обврска е да направиме најквалитетна и реално остварлива изборна програма што ќе ја презентираме пред граѓаните,а одлуката ќе биде нивна, истакна Димитриевски.
На првото изборно собрание во Кочани за претседател на општинската организација на ЗНАМ е избран Николчо Гоцев, а за секретар Сашко Стефановски. Исто така, присутните делегати на состанокот ги изгласаа и членовите на извршниот и надзорниот одбор на локалниот партиски огранок.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.