Две деца и три возрасни лица од Виница завршија на инфективното одделение во Клиничката болница во Штип по констатирано труење со храна.
Затруените се пожалиле на болки во стомакот, мачнина и повраќање заради што побарале лекарска помош, а поради лошата здравствена состојба веднаш добиле инфузија и неопходни лекарства. Како причина за труењето лицата го навеле консумирањето торти и колачи од слаткарски дуќан во Виница, на кој по извршениот инспекторски надзор му било издадено решение за забрана за работа.
Од Центарот за јавно здравје од Кочани потврдија дека по известувањето за случајот веднаш се земени примероци од слаткарските производи и од работните површини во дуќанот, а резултатите од испитувањата се очекуваат во текот на утрешниот ден.
Од штипската болница информираа дека по укажаната медицинска помош, сите затруени се со подобрена клиничка слика.
Т. Ајтовски
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.