Солистички концерт во салата на Мулткултурниот центар вечерва одржа пијанистот Емил Рибарски од Скопје, што беше негово второ претставување пред кочанската публика.
Во рамки на програмата на концертот се најдоа Две пиеси – Приспивна и Сиви облаци од Франц Лист, како и 24 Прелудиуми опус 28 од Фредерик Шопен, што се и главна тема на неговата докторска дисертација.
-Овде првпат настапив пред десетина години со рецитал, а додека работев како професор во средното музичко училиште имав соработка со пијанистката Деспина Илијева од Кочани, која беше во мојата класа, а потоа продолжи во Австрија, така што имам многу убави спомени. Со огромно задоволство дојдов повторно, го исполнив ова огромно циклично дело од 24 прелудиуми од Шопен, како и две композиции од последниот период на Лист. Задоволен сум од новиот инструмент и акустиката во Мултикултурниот центар, како и од публиката, истакна Рибарски.
39-годишниот Рибарски, кој потекнува од музичко семејство, зад себе има богата музичка биографија, со голем број освоени домашни и меѓунардони награди и гостувања во големите светски музички центри како Париз, Њујорк, Москва, Рим, Истанбул, Канзас и други.
Концертот во Кочани се одржа во соработка со ОМУ „Ристо Јуруков“.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.