Планинарска екипа на ПСК „Осогово“ од Кочани успешно ја заврши едонеделната експедиција за искачување на три врвови на Алпите, повисоки од четири илјади метри.
Планинарите Тошо Антов, Зоран Николов, Душко Наумов и Маријан Стевановски, предводени од искусниот планински водич Александар Кирковски, се искачија на врвот Брајтхорн на 4160 метри, потоа на Пирамиде Винсент на 4250 метри и на крајот на врвот Балменхорн висок 4167 метри.
-За време на експедицијата се соочивме многу лоши и тешки временски услови, проследени со силен ветер и снег, но сепак успеавме да ги поминеме сите пречки и да ја постигнеме нашата зацртана цел за искачување на трите врва. Експедицијата ја почнавме од Италија, но планинарските патеките по кои се одвиваше маршот поминуваа и на територијата на Франција и Швајцарија. Во план беше искачување и на врвот Мон Блан, но поради неповолните метеоролошки околности стигнавме на две третини од највисоката кота, по што беше загрозена безбедноста на целата екипа и бевме принудени да се вратиме во базниот камп, истакна Тошо Антов, претседател на ПСК „Осогово“.
Членовите на кочанскиот планинарски клуб истакнаа дека ова е прва македонска експедиција што во седум дена успеала да искачи три врвови над четири илјади метри на Алпите.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.