Пожарот кој од вчера доцна попладне избувна на територијата на општина Чешиново-Облешево, од атарот на селото Врбица се прошири кон Рајчани, како и во атарите на селата Буниш и Турско Рудари на територијата на општина Пробиштип.
Огнот првично зафатил нискостеблести растенија, но се движи во насока на квалитетна шума поради што интензивно се гаси со воздухоплови, информираа од Центарот за управување со кризи.
На терен се екипи од Територијалната провипожарна единица и Доброволното противпожарно друштво од Кочани, а помагаат и пожарникари од Пробиштип, Пехчево и месно население. Огнените јазици се гаснат со два полициски хеликоптери и еден авион „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, а вода се полни од браната Кнежево. Се работи за голема опожарена површина, во која горат сува трева, нискостеблести растенија, но и шума.
Со пожртвуваната интервенција на пожарникарите, но и со помош од дождот, нешто по 18 часот пожарот е ставен под контрола, за што потврди и претседателот на ДПД – Кочани, Златко Илијев.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.