Во пожар што избувна претпладнево во атарот на Соколарци, како и на планинските села Врбица и Рајчани зафатени се педесетина хектари со нискостеблеста шума и грмушки, а поради сувата трева огнот брзо се пренесува и се шири по падините на Осоговските Планини.
На терен се противпожарни екипи од Територијалната противпожарна единица и Доброволното противпожарно друштво од Кочани, кои се обидуваат огнената стихија да ја стават под контрола.

-На терен сме со две возила и десет пожарникари волонтери како поддршка на професионалните пожарникари од Територијалната противпожарна единица, кои дојдоа со три возила и со целата единица. Пожарот зафати поголема површина, а со оглед на стрмниот и тешко пристапен терен, интервенцијата е отежната. Пламените јазици се и во околината на спомен паркот Свиланово, а во моментот наш приоритет е да спречиме нивно проширување кон помошни земјоделски објекти, како и во околината на манастирот „Св. Ѓорѓи“ кај селото Соколарци, истакна Златко Илијев, претседател на Доброволното противпожарно друштво.

По пријавите од граѓаните на единствениот повикувачки број за итни повици 112, во гаснењето на пожарот се вклучија три специјални авиони за гаснење „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, како и хеликоптер на МВР.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.