Управниот одбор на КЈП „Водовод“ достави нова предлог одлука до Советот на Општина Кочани за зголемување на цената на метар кубен геотермална вода што се користи како енергенс за затоплување.
Се предлага покачувањето да изнесува 4 отсто во однос на актуелната цена од 61,9 денари за кубен метар, односно корисниците да плаќаат по 64,42 денари. Калкулацијата ја изработил стручниот тим на комуналното претпријатие и е во согласност со Тарифникот што се применува од 1 јануари 2021 година.
Во образложението на барањето согласност од Советот е нагласено дека поскапувањето е неопходно поради зголемување на трошоците на одделни калкулативни елементи што влегуваат во структурата на цената на геотермалната вода. Новата, повисока цена за 2,52 денари за кубен метар е резултат на покачувањето на концесискиот надоместок што од 12,01 денари во 2022 година е зголемен на 14,53 денари во 2025 година.

Слично барање Управниот одбор поднесе точно пред една година, при што се предлагаше покачување на цената да биде околу 3,4 отсто, односно за 2,12 денари за кубен метар.
Членовите на Советот на Општината имаа забелешки на тогашната предлог одлука, оценувајќи ја како обид да се покријат други трошоци во „Водовод“, а што ќе предизвика неповолни резултати и во работењето на економската единица „Геотерма“. Поради тоа, на 41.седница што се одржа кон крајот на јануари 2024 година, со само 7 гласа „за“ советниците не дадоа поддршка.
Новата предлог одлука за поскапување на геотермалната вода ќе се разгледува на 58. седница на Советот што е закажана за в петок, 24 јануари.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.