Службените лица од Полициската станица во Кочани пред околу пет месеци добиле пријава за уцена што ја доставила 46-годишната жена која утрово настрада во грозоморното убиство.
-На 16. мај, во 11:30 часот, Т.М. пријавила дека подолг период била уценувана од У.Р. со кого биле во љубовна врска, дека ќе објави компромитирачки фотографии и видеа доколку не му даде пари. Од страна на инспектори во Надворешната канцеларија за криминалистички работи при Одделението за внатрешни работи – Кочани постапено е по пријавата. На 31. мај до Основното јавно обвинителство – Кочани е доставен поднесок – известување со службен материјал во прилог. Како дополнување на известувањето испратен е и службен материјал во прилог на 05. јуни 2023 година, истакнуваат од СВР – Штип.
Граѓанските организации кои работат на заштита и поддршка на жртвите од семејно насилство, особено жените, нагласуваат дека надлежните институции тешко ги препознаваат заканите и можните последици.
-Не се препознава ризикот од фемицид. Институциите, односно полицијата и центрите за социјална работа, имаат правилници кои им укажуваат како да прават проценка на ризикот за секоја пријава што доаѓа кај нив. Некогаш пријавите ги регистрираат како поплаки и не преземаат ништо, иако се должни да направат проценка колкав е ризикот за безбедноста и сигурноста на жената која пријавува каков било обид за насилство. Агонијата на жената од Кочани траела седум години, а нејзината пријава не била сфатена сериозно. Ако се прави подобра проценка на ризикот, ќе можеме да ги антиципираме случаите каде што постои опасност од фемицид, односно убиство, истакна Благица Кирова од Едукативно-хуманитарната организација ЕХО од Штип.
Според законските одредби уцената се смета за сериозно кривично дело за кое е предвидена затворска казна до пет години.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.