Поголема количина пиротехнички средства кај 19-годишен виничанец открила полиција, по што му биле одземени и ќе заработи соодветна кривична пријава.
На 20. декември полициски службеници од ОВР – Виница го лишиле од слобода Ф.А. од Виница. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени околу 3.000 парчиња разновидни пиротехнички средства. Лицето било приведено во полициска станица и по целосно документирање на случајот, во консултација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена пријава по член 396 од Кривичниот законик, се наведува во известувањето од МВР.
Во членот 396 од Кривичниот законик стои дека (1) тој којшто неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години. (2) Ако предмет на делото е поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години. (3) Ако делото од ставовите (1) и (2) на овој член е сторено во група, банда или друго злосторничко здружение, сторителот ќе се казни со затвор најмалку осум години.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.