Силниот ветер, проследен со пороен дожд и грмотевици, им предизвика поголем број проблеми на жителите на Кочани и околината. На повеќе локации во градот откорнати и искршени се стебла што го попречија одвивањето на сообраќајот, а искинати беа жиците и турнати дел од столбовите за телекомуникациските водови.

На магистралниот патен правец Кочани – Штип, во близина на спомениот на Никола Карев кај Тркање, на повеќе места имаше откорнати дрвја кои се најдоа на коловозот. Слично беше и на улиците „Никола Карев“, „Скопска“, „Тодосија Паунов“, каде интервенираа екипи на Територијалната противпожарна единица.
Според информациите од граѓаните, во неколку населби има штети на кровови на помошни објекти, а имало и краткотраен прекин во напојувањето со електрична енергија.

Скоро на сите сообраќајници во Кочани има остатоци од искршени гранки и други предмети што се последица на невремето.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.