Граѓанската организација Новинари за човекови права од Скопје, заедно со Здружението на жени „Природа“ од Братунац во Босна и Херцеговина и Младинското здружение „Бечеј“ од Бечеј во Србија беа носители на регионалниот проект „Зајакнување на одговорноста и родово чувствителните одговори на локалните власти на кризи во 3 земји“ што беше спроведен во 24 локални заедници, односно општини во трите држави.
Од македонска страна во проектот беа вклучени по една мала до средно развиена општина од секој од осумте плански региони: Виница, Дебар, Демир Капија, Дојран, Јегуновце, Кратово, Ресен и Чучер-Сандево, во соработка со повеќе граѓански организации во овие локални заедници.
Беше спроведено истражување за влијанието на економската криза врз еднаквите можности и родовата еднаквост по што е изработена анализа и донесени се поединечни и општи заклучоци и препораки. Исто така, создадена е платформа за дејствување, со дефинирани чекори за кампањи во секоја земја и во регионот.
Утврдени се заеднички проблеми и предизвици во процесот на родово одговорно буџетирање, како што е недоволно учество во локалните самоуправи и ранливост на жените и недостиг од поддршка за ранливите групи. Во повеќето општини недостасуваат социјални и економски можности, како и програми за зајакнување и поддршка на жените на ранливите групи и недостаток на родова свест. Освен тоа, и недостигот од инфраструктура и социјални услуги, дополнително ја влошува состојбата на жените и ранливите групи.

Општ заклучок е дека проблемите со кризни ситуации во кои жените се посебно погодени и координацијата на локалните самоуправи, како и вклучувањето на родовите аспекти и промовирањето на родовата еднаквост, го забавуваат спроведувањето на родовата политика. Генерално, заклучоците ја нагласуваат потребата од инклузивни и родово одговорни буџетски политики, со поголема свест, учество на жените и граѓанските организации, како и социјални инвестиции кои ќе ја подобрат положбата на жените и ранливите групи во овие општини.
Истражувањето во општина Виница беше спроведено во соработка со Здружението ИНИ, а заклучок е дека за да се подобри родово одговорното буџетирање неопходно е да се зголеми учеството на жените во процесите на донесување одлуки, да се подобри транспарентноста и свеста за буџетските процеси и да се обезбедат финансиски средства за поддршка на најранливите групи. Подобрувањето на инфраструктурата и социјалните услуги, како и креирањето стратегии за управување со кризи чувствителни на родот, ќе придонесе за подобра вклученост и повисок квалитет на живот за сите граѓани, особено за жените во руралните средини.

Општина Дебар се соочува со значителни предизвици во областите како што се економската и социјалната поддршка за жените, како и во спроведувањето на родово одговорни практики на буџетирање. Неопходно е да се зголеми учеството на жените во одлучувањето, да се подобри свеста за буџетските процеси и да се развијат конкретни програми за поддршка на жените, особено во руралните области. Поддршката на економскиот развој, социјалната интеграција и подобрената здравствена инфраструктура се клучни за создавање еднакви можности за сите граѓани.
Општина Демир Капија има потенцијал да стане поинклузивно и родово чувствително место, но за ова е потребно систематско инвестирање во образованието, транспарентност и развој на политики кои ќе ги земат предвид специфичните потреби на жените и другите ранливи групи. Клучните области за подобрување вклучуваат економско зајакнување на жените, подобрување на здравствената и социјалната инфраструктура и зголемување на нивното учество во процесите на донесување одлуки преку поактивно учество во буџетски консултации и јавни дебати.
За подобри резултати во родово одговорното буџетирање општина Дојран треба да ги вклучи жените и граѓанските организации во сите фази на буџетирање, да го зголеми финансиското учество на сите засегнати страни и да се фокусира на специфичните потреби на жените, особено во контекст на социјалните услуги, здравството и образованието.
Во општина Јегуновце неопходно е да се зголеми учеството на жените и граѓанските организации во одлучувањето, да се подобрат здравствените и социјалните услуги за жените и другите ранливи групи и да се инвестира во инфраструктура која ќе ја поддржи нивната економска и социјална сигурност. Посебен акцент треба да се стави на развојот на руралниот туризам и претприемништвото за жените, за нови економски можности и за поттикнување на одржливиот развој на општината.
Во однос на подобрувањето на родово одговорното буџетирање во општина Кратово неопходно е да се зголеми учеството на жените и граѓанските организации во одлучувањето, да се инвестира во економски и социјални програми кои ќе ги поддржат жените и другите ранливи групи, како и да се развие инфраструктура која ќе овозможи подобрување на квалитетот на животот, особено во време на криза. Постои потреба да се интегрира родовата перспектива во сите аспекти на општинското планирање и буџетирање.

Во општина Ресен важно е да се создадат механизми за поголемо учество на жените и граѓанските организации во процесите на одлучување и буџетирање, да се развијат стратегии за економски развој со фокус на жените и руралните средини и да се обезбеди соработка со граѓанските организации со цел да се зголеми поддршката за ранливите групи. Неопходно е да се подобри свеста на граѓаните за родово одговорно буџетирање и да се активираат ресурсите за поддршка на жените, особено во руралните области.
За да се подобри родово одговорното буџетирање во општина Чучер-Сандево, неопходно е да се зголеми свеста за буџетските процеси и да се воведат родово сензитивни политики кои ќе ги земат предвид специфичните потреби на жените и ранливите групи. Неопходно е да се стимулира активното учество на жените во локалната самоуправа и да се инвестира во програми кои ќе овозможат економски развој, здравствена и социјална заштита на жената, особено во руралните средини.
Резултатите од истражувањата со проектот се јавно достапни на онлајн линкот ОВДЕ.
Проектот е поддржан со средства од Австриската агенција за развој (АДА) и Шведската меѓународна агенција за развој (Сида) во рамките на проектот Gender Budget Watchdog Network II, односно во рамките на Мрежата за набљудување на родови буџети. Австриската агенција за развој (АДА), оперативна единица на Австриската развојна соработка, е договорен партнер кој го поддржува овој проект, а Центарот за истражување и креирање политики од Скопје е главен имплементатор на проектот.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.