Во станиците за технички преглед во Кочани почна издавањето на налепниците за регистерските таблички со натписоt NMK, при што сопствениците на возилата задолжително треба да ги донесат на лице место каде се пополнува барање. Лепењето го прават контролорите во станицата за технички преглед, а според насоките од МВР, секоја злоупотреба, односно издавање налепници во поголем број од потребниот или пак издавање на лица кои не го донеле возилото во станицата е строго забрането. За прекршување на овие одредби ќе бидат преземани соодветни законски мерки.
Од станицата за технички преглед во Здружението на возачите во Кочани информираа дека на првиот ден од добивањето на налепниците забележлива е поголема раздвиженост и интерес кај сопствениците на возилата.
-Од денеска во сите станици за технички преглед почнува примената на обврската за издавање налепници за регистерските таблички. За да се добие налепницата треба странајата, заедно со сообраќајната дозвола да се обрати во МВР, односно кај референтот за регистрација, каде по поплнувањето на барањето ги добива налепниците што се соодветни за таа регистерска табличка што ја поседува возилото. Тоа значи дека за старите регистерски таблички, кои се со три броеви на табличката, има посебна форма, посебни димензии, а за новите кои имаат натпис МК, се други димензии. Доколку сообраќајната дозвола е со Република Македонија потребно е истата да биде заменета со Република Северна Македонија. Трошоците за сообраќајната дозвола се стандардни, изнесуваат 200 денари, а налепниците се бесплатни, истакна Кирил Атанасов, секретар во Здружението на возачите – Кочани.

При поставувањето на налепниците на табличките има посебна процедура што мора да ја помине секое возило.
-Налепницата мора да ја залепи контролор во станицата за технички преглед и сето тоа да биде евидентирано со видео надзор во самата станица, додава Атанасов.
Налепниците со натписот NMK се изработени од рефлектирачка фолија што е отпорна на временските услови и други надворешни влијанија.

Паралелно со поставувањето на налепниците и замената на сообраќајните дозволи во кои е впишано Република Македонија, од МВР додаваат дека треба да се заменат и возачките дозволи. Притоа се предупредува дека при евентуална сообраќајна несреќа, граѓаните кои немаат валидна возачка дозвола ќе мора да ги сносат последиците околу евентуалната штета.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.