Кочанскиот храм „Св. великомаченик Георгиј“ го одбележува патрониот празник и заштитник на градот – Свети Петар.
Најпрвин во храмот се одржа празнична вечерна богоспужба на која чиноначалствуваше митрополитот брегалнички г. Иларион. Потоа литијата од црквата се упати кон Паркот на Револуцијата, каде пред мозаикот на апостолите Петар и Павле беше организирано осветување и кршење на славскиот колач.
Празникот Петровден на присутните им го честиташе митрополитот Брегалнички г. Иларион и притоа им посака да ги следи здравје, берикет и среќа.
-Користам прилика на градоначалникот и на сите луѓе во градот Кочани и околните места да им го честитам празникот на градот посветен на светите апостоли Петар и Павле, посакувајки да ве чуваат и пазат и понатаму да ви даруваат душевно и телесно здравје, да се молат на Бога и за градот Кочани и целата вселена, испросувајки мир и благосостојба. Дај Боже по нивните свети молитви верата Христова да се утврди во сите нас и сите ние да постанеме жив храм. Како што вели Апостолот Павле, не живеам јас туку Христос во мене. Православието и единството да се зацврсти и да престанат сите поделби, недоразбирања и војни во светот. Нека е честит, вечен и благословен празникот. За многу години, истакна митрополитот Брегалнички господин Иларион.
Потоа во дворот на храмот „Св. великомаченик Георгиј“ се одржа и концерт на духовна музика со Сузана Спасовска и црковниот клирос „Пелагонитиса“ кои исполнија околу десетина црковни песни.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.