Здружението на граѓани „Родителски фронт“ во понеделникот почна со собирање потписи за петицијата „Не за родова идеологија во училиштата, актите и документите во Општина Кочани“.
Иницијативата за петицијата почна во Струмица, а ќе се реализира и во наредните денови во Кочани. Пунктот за собирање на потписите е во Трговскиот центар.
-Сакам да истакнам дека никој нема ништо против нашите сограѓани кои имаат поинаква сексуална ориентација, тоа е нивен избор, но сме против наметнување на родовата идеологија преку која ќе се отвори можност за постепено уништување на семејството и општеството. Повеќе нема да молчиме бидејки сето тоа не е во ред, не е прифатливо и нема да го дозволиме. Само родителите имаат право да одлучуваат за своите деца, а не некои родови идеолози бидејки родителот најдобро знае што е најдобро за своето дете. Сите сме за реформи во образовниот систем и за негово подобрување, но проблемите нема да се решат со оваа идеологија која нуди работилници со краставици и презервативи. Повеќе нема да глумиме слепи и нема да бидеме рамнодушни. Со ова се разурнува здравото потомство и здравото семејство. Затоа здружението „Родителски фронт“ ќе превзема низа активности со кои нема да дозволи да имаме доживотно осакатени деца и ќе покажеме дека сите сме за зачувување на традиционалните семејни вредности, истакна Ненад Стојанов од здружението „Родителски фронт“.
Од здружението „Родителски фронт“ ги повикуваат сите граѓани да дадат поддршка на нивната иницијатива во борбата против родовата идеологија во училиштата.
На првиот ден од организирањето на петицијата во Кочани се потпишале вкупно 460 лица.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.