Економскиот оператор „ЕМ Агриком“ од Неготино, којшто беше избран на тендерска постапка, попладнево го почна третманот со алги и микроогранизми на Градската депонија во Кочани, за да се спречи чадот од горењето на отпадот.
Природниот третман на ѓубриштето се спроведува по петтиот ден откако градежна механизција на американско-турскиот конзорциум „Бехтел – Енка“ ја израмни депонијата, ги исчисти постојните и проби нови пристапни патишта за дотур на следните количини од комуналниот отпад. Со тоа депонијата е целосно подготвена за примена на природниот третман со алги и микроорганизми.
-Општина Кочани постапи според барањата на граѓанските здруженија коишто го блокираат патот кон депонијата и создадени се сите услови за исполнување на заклучоците од последната седница на Советот на Општината. Упатено е писмено известување со заклучоците од вчерашната средба на градоначалниците на општините Кочани, Виница и Зрновци до Министерството за животна средина и други надлежни институции, со цел итно да се одговори на потребите за нормално функционирање на депонијата, истакна градоначлникот на Кочани, Љупчо Папазов..
Со писмен допис упатен до Локалната самоуправа, Здружението „Грин.орг“ ја извести Општина Кочани дека нивните активисти ја напуштаат блокадата и ќе побараат измени во одлуките на Владата за депонирање на отпадот од другите општини на депонијата во Кочани.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.