На последната седница на Советот, градоначалникот Илијев истакна дека функционирањето на градскиот превоз било условувано со бесплатниот превоз на учениците, поради што биле правени извесни опструкции и уцени.
– Во оваа прилика сакам да ви кажам дека ова беше наметнато од страна на превозникот и како јавна и јасна уцена кон мене, дека јас треба да го прифатам она што тие го наметнуваат, во спротивно нема да има градски превоз. Не, почитувани советници, субвенциониран градски превоз ќе има. Ние ја правевме двапати постапката и сега ќе ја направиме трет пат и ќе го мотивираме оној кој е лиценциран, регистриран за превоз на патници и се надевам дека овој трет пат ќе успееме. И доколку не успееме нема да се обесхрабриме, ние ќе продолжиме по патот што го имаме зацртано и дека основниот интерес парите рационално да ги трошиме и дека во оваа прилика можам да ви соопштам оти разликата е во тоа што во претходниот период кога се правеле јавните набавки не е поставен услов. И затоа веројатно имало некој изговор дека не може да биде раскинат договорот, рече Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Со јавниот повик за избор на нов транспортер, што трае до 20 септември, определено е дека јавниот градски превоз ќе се одвива на линиите од селото Оризари преку населбите Усова Чешма и Бавчалук, спојот на улицата „Бел камен“ со „Страшо Ербапче“ до Лесна индустрија и обратно.
Продолжувањето на функцијата на јавниот превоз се спроведува во согласност со одредбите во Законот за локална самоуправа според кој општините се надлежни за уредување и организирање на јавниот локален транспорт на патници.
Законска обврска за организирање јавен превоз имаат општините со повеќе од 100 илјади жители, но Општина Кочани од пред пет години самоинцијативно го започна давањето на услугата.
T. Ајтовски
{fshare}
{backbutton}
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.