Независниот синдикат на полицијата (НСП) е организатор на Првите централни спортски игри, што се одржуваат во спортско-рекреативниот центар Пониква на Осоговските Планини.
На игрите учествуваат околу 420 вработени во редовниот состав на полицијата, како и вработени во шумската, судската и затворската полиција, кои се натпреваруваат во баскет, одбојка, стрелање со воздушна пушка, пикадо, шах, бадмингтон, туркање рака, влечење јаже и офроуд трка со џипови.
-Ова е важен настан за нас што го подготвувавме и го чекавме седум години, период во кој организиравме 14 регионални спортски игри, а конечно за прв пат се собравме на централно ниво. Целта е преку спортување и дружење подобро да се запознаеме и да ја јакнеме поврзаноста и соработката меѓу нашите членови, а Пониква ќе биде местото каде што и во иднина ќе се одржуваат овие игри. Наши гости се и претставници од четири независни полициски синдикати од Србија, Бугарија и Црна Гора, со кои потпишавме договор за синдикална соработка, а намерата е спортските игри да ги прошириме и на балканско ниво, истакна Гоце Делчев Тодев, претседател на Независниот синдикат на полцијата.
На Првите спортски игри на НСП присуствуваше и заменик-директорот на Бирото за јавна безбедност, Арбен Јашари кој даде поддршка на настанот што треба да овозможи градење фер и културен спортски однос и им посака добри спортски резултати на учесниците.
Комисијата за спорт на Независниот синдикат на полицијата обезбеди медали, пехари и признанија за најдобрите натпреварувачи во сите спортски дисциплини во екипна и поединечна конкуренција.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.