Порака со предупредување за поставена бомба во некое од средните и основните училишта, што била испратена по електронска пошта на официјалната адреса на Локалната самоуправа во Кочани, привремено ја прекина наставата.
Од Општина Кочани информираа дека по добивањето на пораката веднаш биле известени надлежните полициски органи, кои направиле увид на терен.
-Претпладнево на службената меил адреса на Општина беше добиена порака за поставена бомба во образовна институција, без да биде посочено за кое училиште станува збор. Полициски службеници презедоа соодветни истражни мерки, при што учениците безбедно ги напуштија училниците. По направениот увид беше констатирано дека се работи за лажна дојава, односно дека не постои никаква опасност за учениците и вработените во образовните институции, па наставниот процес беше продолжен, истакна Голубинка Георгиева, раководителка на Одделение за јавни дејности во Општина Кочани.
Наставата во втората смена во сите училишта во Кочани попладнево се одвива нормално.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.