Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска им ги доделија клучевите од становите во новата социјална зграда на 28 семејства од општина Виница.
На примопредавањето на становите премиерот Ковачевски нагласи дека ова е прв објект за сместување на социјално загрозени семејства во Виница, за чија изградба се инвестирани над 75 милиони денари од буџетот на Министерството за транспорт и врски. Објектот има три ламели со станови со површина од 36 до 50 квадратни метри, како и две деловни простории од по 60 квадратни метри.

-Денеска ја делиме среќата со 28 семејства од Виница кои почнуваат да живеат во нов дом. Владата е посветена да реализира проекти од животна важност, прокти со кои правиме разлика во секојдневието на нашите граѓани и за промоција на пристапот до еднакви права за сите. Затоа, за оваа година во буџетот на Министерството за труд и социјална политика обезбедивме 5,5 милиони евра повеќе од лани за социјални услуги. Од 2017 година до денес се доделени социјални станови во Струмица, Гостивар, Македонски Брод и Пробиштип,веќе се завршени социјалните станови во Неготино и Велес, а во тек се финалните градби во Дебар, Бутел и Кочани, истакна премиерот Ковачевски.

Министерот Бочварски нагласи дека во изминатите шест години се изградени над 860 социјални станови, што е најголем успех во станбената политика во целата држава, а така ќе се продолжи и во наредниот период.
-Навистина имаме голема и силна офанзива во изградбата на социјалните станбени згради низ целата држава. Следна распределба на социјални станови ќе имаме во Свети Николе, потоа во Неготино, Гевгелија и Демир Капија, каде што зградите се веќе готови. Продолжува довршувањето на станбената зграда во Велес, во Бутел, а една од следните инвестиции на Акционерското друштво, преку Владата, ќе биде изградбата на новите социјални станбени згради во Штип, Прилеп и Сарај. Со тоа сметам дека овие реални политики, што даваат можност за подобар и поквалитетен живот на нашите граѓани, ги даваат резултатите, истакна министерот Бочварски.

Министерот додаде дека распределбата на становите се прави со транспарентна и отворена постапка, достапна за сите граѓани, во која учествуваат повеќе служби од Центрите за социјална работи и од Министерството за труд и социјална политика и Министерството за транспорт и врски.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.