Територијалните противпожарни единица во државата ќе можат да ги зајакнат своите капацитети со донесувањето на новиот Закон за пожарникарска служба, најави премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека тоа ќе значи и зголемување на бројот на професионални пожарникари.
Како одговор на прашањето за децениските проблеми со недоволниот број пожарникари со кои се соочува ТППЕ-Кочани, тој потенцираше дека законското решавање ќе ги опфати сите општини каде функционираат противпожарни единици.

– Вработувањето во пожарникарските служби е еден од проблемите, коишто директно ги погодува локалните самоуправи. Се изготвува новиот Закон за пожарникарска служба и веднаш по изготвувањето на тој Закон ќе бидат зајакнати капацитетите на пожарникарската служба насекаде на целата територија, со приоритет на градот Кочани, истакна премиерот Мицкоски.
Трагедијата во дискотеката „Пулс“ покажа дека недоволната кадровска екипираност е една од главните слабости за ефикасно дејствување, особено што Територијалната противпожарна единица во Кочани има само половина од потребниот број пожарникари.
Придонесот на волонтерите од кочанското Доброволно противпожарно друштво, како и на тертиторијалните противпожарни единици од соседните општини беше особено важен во намалувањето на последиците од трагичниот пожар во „Пулс“. Сепак, зголемувањето на бројот на пожарникари е важно прашање што е неопходно што побрзо да се реши заради поголема ефикасност во интервенциите.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.