Во организација на Општинскиот фудбалски сојуз – Кочани, а под покровителство на Општина Кочани, во салата на Мултикултурниот центар вечерва свечено беа доделени признанијата за најуспешните спортисти и екипи за 2025 година.
За најуспешен спортист на Кочани за 2025 година признанието му припадна на Даријан Павлев од борачкиот клуб „Спартак“. На второто место се најде Филип Стојанов од карате клубот „Партизан“, а третото место ѝ припадна на Наталија Карова од карате клубот „Кочани“.

Во категоријата „Најдобар тренер“, признанието го доби Игор Каров од карате клубот „Кочани“, пред Симеончо Митев од „Фудбал Старс Аутовелт“ и Оливер Јовановски од ЖФК „Кочани“.

Титулата „Најдобра екипа“ ја понесе ЖФК „Кочани“, а во конкуренција беа и карате клубот „Кочани“ и клубот за гимнастички спортови „Кочани“.

За најдобар спортски работник беше прогласен Оливер Јовановски од Општинскиот фудбалски сојуз – Кочани, додека зад него се најде боречкиот судија Гоце Ангелов.

Овогодинешното доделување помина и во знак на сеќавање и почит, при што постхумно признание имаше за фудбалерот Андреј Лазаров, кошаркарот Петар Ивановски, и челновите на навивачката група „Сејмени“, Томас Златков и Александар Стојанов кои ги загубија животите во минатогодишниот трагичен пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Дополнително, Општина Кочани одлучи да го поттикне развојот на младите таленти, па сите 29 предложени спортисти во младинските категории добија соодветно признание.

Наместо предвидените средства за коктел во рамки на манифестацијата, од ОФС – Кочани му врачија вредносен ваучер од 30.000 денари на Здружението „16 март 2025 Кочани“ како поддршка за реализација на спомен-облежјето „Патека на бесконечноста“.

Во музичко-забавниот дел на Изборот на спортист за 2025, настапија членовите на ФА „Љупчо Сантов“ од Оризари и оркестарот на традициски инструменти при ОМУ „Ристо Јуруков“.


©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






