Општина Чешиново-Облешево ќе биде домаќин на Илинденските спортски игри, што годинава ќе се одржат по 51. пат. Манифестацијата ќе почне на 9 јули, а завршницата вообичаено, ќе ја има на големиот македонски национален празник Илинден – 2 Август.
Централно место на игрите кои имаат повеќедецениска традиција вообичаено е турнирот во фудбал на кој учествуваат екипи од Чешиново-Облешево, но и од останатите општини во регионот.
Организацискиот одбор на ИСИ 2023 веќе го испрати повикот до сите месни заедници во источниот регион да ги известат заинтересираните спортски екипи од нивните места да го пријават своето учество телефонски. Пријавувањето е до 1 јули.
Вообичаено до сега имаше голем интерес меѓу спортистите, па се пријавуваа и по дваесетина фудбалски екипи, поради што се формираа и елиминациони групи.
За најдобрите екипи се обезбедени признанија и парични награди. Освен тоа, признанија ќе добијат и најдобриот играч и најдобриот стрелец на турнирот.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.