Иницијативата за изградба на спомен-обележје „Ангели“ на Пониква ќе може да се реализира откако проектот е комлетиран и обезбедено е решение за градба.
Семејството Антови, чија ќерка Ивона настрада во трагедијата во „Пулс“, кратко по немилиот настан ја информираше јавноста дека идејата за уредување меморијален простор на Осоговските Планини ќе се реализира во знак на сеќавање на загубените млади животи.
-Несебична поддршка понуди Центарот за консалтинг и инженеринг „Концепт ЕУ“ од Кочани, кои целосно го изработија проектот. Меморијалното обележје ќе се гради на Пониква, на 1.600 метри надморска височина, на местото познато како Аеродром, на површина од 1.200 м². Ова ќе биде прво такво обележје на Балканот на оваа надморска височина, единствено во Европа по својата местоположба, архитектонски изглед и внатрешно уредување. Лоциран на место кое е посетувано преку целата година од домашни и странски туристи. Одлуката меморијалот да биде на Пониква е донесена од една болна, но реална причина – во градската средина, за жал, секој споменик и реквизит често се уништува во ноќните часови. Овој меморијал мора да биде зачуван, достоинствен и вечен, истакнува Тошо Антов, таткото на Ивона, кој е иницијатор за спомен-обележјето.

Според проектот меморијалниот простор ќе биде ограден со низок бетонски ѕид и челична мрежа, во центарот ќе се издига челичен столб висок 9 метри, на кој ќе бидат поставени изгравирани скалила со иницијали од секое дете, што симболично водат нагоре. На крајот ќе има ѕвезда со имињата на секое дете и возачот на Итната медицинска помош, а скалилата завршуваат со знакот бесконечност на самиот врв.

Во рамки на просторот на меморијалот за секој загинат ќе биде засадено дрвце – туја смарагд, ќе има клупи за одмор и тишина, а пред секоја клупа порцеланска фотографија на постамент со кратка биографија. Исто така, се планира да се изгради мал православен параклис, со место за палење свеќи, а параклисот ќе биде озвучен, со 24-часовни православни молитви за мир и спокој. Просторот ќе биде уреден со бекатон плочки, зелени површини и осветлување, а ќе има и наменска помошна просторија.

-Изградбата на меморијалното обележје „Ангели“ ќе се реализира преку спонзорства, донации, хуманитарни настани, затоа што тоа не е само споменик, туку молитва во камен и светлина, место каде болката зборува тивко, а љубовта вечна. Секоја донација, без разлика на износот е чекор поблиску до остварување на меморијалот и е знак дека нашите деца не се заборавени. Донирајќи, вие станувате дел од нешто што ќе остане. Со благодарност, почит и болка што не престанува, додава Антов.
За изградба на меморијалното обележје „Ангели“ е отворена донаторска жиро сметка 240137121493788MKD во Уни банка.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






