Во библиотеката „Искра“ беше промовирана книгата „Оризот во поезијата“ од авторите Љупка и Коце Стојменови.
Делото е создавано повеќе години, а мотивот за да се напише се појавил преку средбите што авторите ги остварувале со писателите коишто го посетуваат Кочани за време на „Петровденските конаци“ и „Деновите на кочанскиот ориз“. Посебната импресивност да се создаде книгата претставувала жетвата на оризот.
Песните опеани во делото се избрани од книгите и алманасите од роднокрајните автори.
-Морам да истакнам дека овде не се пее за аргатите, односно се пее за оризот и оризовите полиња. Имаме шест народни песни, кои се застапени, а имаме уште педесет и шест авторски песни од роднокрајни автори. Тоа незначи дека со собирањето на песните не сме успеале да ги собереме сите песни во кои што е опеан оризот или оризовите полиња, но на некој начин еве нека ни биде поттик сите оние песни кои што се сочувани во тетратките, сокриени во некои книги до кој што не сме можеле да дојдеме, нека ни бидат цел за понатамошно истражување. Ме радува фактот дека книгата излегува за време на „Денови на кочанскиот ориз“, бидејки оризот е главниот мотив и инспирација што ја имавме, истакна Љупка Стојменова, авторка на книгата.
Стојменова додава дека книгите кои што ги пишуваат се со историско-истражувачки карактер, а најави и дека за во иднина се планира и издавање на друга книга.
Промоцијата беше во организација на ЈОУБ „Искра“, Општина Кочани и Здружението за наука, култура и опшествени дејности „Стари поток“ по повод 32. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.