Во салата на Мултикултурниот центар во Кочани се одржа промоција на книгата „Да се убие себе во себе“ од авторот Доне Донев. Промоцијата предизвика голем интерес кај публиката, а салата беше премала да ги собере посетителите.
Книгата претставува збир на пет монодрами коишто Донев ги има изведено над 400 пати, пред 50 илјади гледачи.
-Петте монодрами се посветени на Ацо Караманов најмладиот македонски поет загинат во НОБ, а монодрамата се вика „Јас сакам да станам поет“. Втората е посветена на најмладиот гемиџија Милан Арсов. Оваа монодрама беше прикажана на Македонската телевизија како ТВ драма, во серијата „Тврдокорни“, како Милан Арсов, гемиџија од Велес. Третата се вика „Меѓникот“ и е посветена на македонскиот деец Крсте Петков Мисирков. Четвртата е посветена на Цар Самоил, кој што го прикажав и ќе го прикажувам како лик со огромна големина. Петтата монодрама е посветена на македонскиот револуционер Методија Андонов Ченто, првиот претседател на Македонија, кој на наместено судење е осуден на 11 години затвор, од кои 59 месеци поминал во самица, истакана Доне Донев, автор на книгата.
Водител на промоцијата беше Љупка Стојменова, а учествуваа и професорите Марија Соколова, Александар Димитров и м-р Љубинка Ајтовска.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.