Во библиотеката „Искра“ попладнево беше промовирана збирката поезија „Патека од ружи“ од авторката Ружа Стојмилова. Тоа е нејзина втора книга, а инспирација да ја создаде добивала од секојдневниот живот.
Стојмилова пишува за различни мотиви, автобиографски, за празниците, за годишните времиња, односно за теми од секојдневниот живот. Збирката содржи 50 песни, напишани на 70 страници. Издавањето на книгата финансиски е поддржано од Општина Кочани.
-Патеката не ми беше послана со ружи, но јас со мојата позитивна мисла успеав да си ја направам да ми биде послана со ружи. Порака што сакам да ја испратам е, кога бев болна од канцер, што и да се случи во животот да не се откажуваме. По смртта на сопругот, кој прерано замина, добив инспирација да вметнам сегменти и од тешките моменти што сум ги имала, истакна Ружа Стојмилова, авторка на стихозбирката.
Модератор на промоцијата беше Љубинка Ајтовска, а промотори беа Иван Котев и Ленче Стоименова.
-Книгата на Ружа е извонредно литературно дело. Книгата ги спојува двата света, спојува еден крај со друг крај, човек со човек што дава една голема симболика во нејзината поезија. Таа во своите песни пишува за семејството, за љубовта, за животните предизвици, пишува воопшто за животот како една целина. Јас очекувам дека оваа книга ќе биде читана и ќе доживее повеќе изданија, истакна Иван Котев, промотор на книгата.
Стојмилова пишува и афоризми што ги пласира на електронските медиуми во земјата. Редовна учесничка е и на Вечерта на македонскиот афоризам, а активна е во други сфери на опшествениот живот.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.