Во Кочани деновиве е актуелна промоција на депониски туризам кај Бели, таков повик добивме од наш сограѓанин, што по посетата на терен се покажа како реален. Градската комунална депонија, со која стопанисува КЈП „Водовод“, се проширува до коловозот на регионалниот патен правец кон Пониква. Купишта отпад се расфрлани од двете страни на патот, а затворен е и пристапот, односно влезот во депонијата.
Состојбата е ваква со денови, а смрдеата што се шири од распаѓањето на органските отпадоци не дозволува да се остане на ова место подолго време. Смрдлива течност од отпадот се разлева по асфалтот, што е поволна можност за контаминација на возилата кои поминуваат.
Очигледно е дека никому не му е грижа за тоа како и каде се исфрла отпадот, па наскоро целосно ќе се најде и на асфалтот. Машината што се користи за растурање на отпадот е неисправна и стои на просторот во депонијата. На коловозот испишани се и две пораки со барање за оставка на директорот на „Водовод“. Ниту информативната табла за проектот со регионалната депонија што го поддржува ЕУ не поминала подобро.
Викенд е, а тоа е добра можност посетителите и гостите кои се упатуваат кон Пониква да имаат слика за паметење што „одлично“ ги претставува туристичките можности на Кочани.
Од комуналното претпријатие „Водовод“ за ТВ Канал 8 истакнаа дека ќе направат контрола на терен за причините поради кои отпадот се исфрла на влезот од депонијата.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.