Неуспешно заврши постапката за избор на фирма што ќе ги одржува сливните решетки на улиците во Кочани во период од една година. На јавниот повик што беше објавен минатиот месец, на адресата на Општината не пристигнала ниту една прифатлива понуда, поради што постапката е поништена.
Од општинската буџетска сметка беше предвидено за одржувањето на решетките да се потрошат 320 илјади денари во нето износ, но тој не предизвикал интерес кај потенцијалните изведувачи. Според техничката спецификација, во списокот за одржување на сливните решетки се најдоа улиците „Роза Петрова“, „1 Мај“, „Страшо Ербапче“, „Димитар Влахов“, „Тодосија Паунов“, „АСНОМ“, „Браќа Ставреви“, „Славчо Стојменов“, „14-та Бригада“, „Христијан Карпош“, „ВМРО“, „Љупчо Сантов“, „Стамен Манов“, „Бел камен“ и „Февруарски поход“, како и во околината на Трговскиот центар.
Од изведувачот на работите се бараше да изврши замена на оштетените сливни решетки со композитен материјал на вкупна површина од 14 квадратни метри. Исто така, како обврска во условите на тендерската постапка беше да врши секојдневен редовен увид, чистење и поправка на сливните решетки за атмосферска канализација, најмалку два дена во една седмица. При итен случај, по писмено или телефонско барање од Општина Кочани, давателот на услугата во рок од три часа да излезе на терен за да го отстрани дефектот, а за завршените работи секој месец да доставува месечен извештај.
По неуспешната јавна набавка се очекува Општината да објави нова, во која е можно да се променат дел од условите или висината на сумата за одржување на решетките.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.