Со пораките „Мала Река – голем криминал“, „Ни горчат вашите бонбона бизниси, Стоп!“, „Стоп за Мала Река“, десетина граѓани денеска попладне пред зградата на Општина Кочани го искажаа револтот против изградбата на мини хидроцентралата на Мала Река. Причина за малиот број на присутни граѓани беше дождливото време, но оние што беа присутни го искажаа незадоволството.
Поддршка на протестот даде и советничката Жаклина Филипова Свеќаровска која истакна дека проектот Мала Река со години наназад поминува на мала врата, со големи измами и крајно нелегитимно почнат процес за изградба.

-Проектот Мала Река се раелзира веќе, а Мала Река е навистина мала река. Значи, станува збор за мал водостој на река, кој што ако практично го зафатат таму, навистина повеќе вода нема да тече и ќе изумре целиот жив свет кој живее во и околу рекичката. Да не зборувам за дрвосекот за да пристапат до таму. Граѓаните го искажуваат своето незадоволство поради начинот на кој што се извршуваат работите. Најпрво е нелигитимана изградбата бидејќи немаше јавна расправа, дадено е позитивно мислење од страна на Општината во 2017 година, потоа е дадена согласност за градба. Повторно измамени се граѓаните, односно не е искористена можноста за право на референдум да се искажат дали се „за“ или „против“ за минихидроцентрала. Сега, најново е дека рано летово дадена е дозвола за користење на локалниот пат и покрај тоа што се коси со постојните законски одредби, бидејќи по тој пат постојано се движат тешки товарни возила над 5 тони. Тоа значи дека ќе останеме и без патот до браната Гратче. Граѓаните се со право револтирани и јас ги поддржувам, иако сме во доцна и одмината фаза, истакна Филипова Свеќаровска.
На протестот беше речено дека иако дозволите за градба се добиени, тие можат да се забават. Граѓаните бараат да се приложи елаборатот и јавната расправа. Повикаа сите учесници во постапката да одговараат за направената ситуација, а ако продолжи изградбата можна е радикализација на протестите.

-Доколку продолжи изградбата ќе ги радикализираме протестите со физичко поместување на работите, додава Свеќаровска.
Градежните активности за мини хидроцентралата почнаа во мај, а по одреден временски период Државниот инспекторат за животна средина направи и вонреден инспекциски надзор, при што беше констатирано дека на теренот се изведуваат подготвителни градежни работи за хидроенергетскиот објект.
Минатата година граѓанските еколошки здруженија поднеле и барање до Основното јавно обвинителство за преиспитување на документација што му е издадена на инвеститорот, но тоа оценило дека нема законски пречки за реализација на проектот.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.