Активностите во рамки на проектот „Паметен соларен пчеларник“, чиј носител е Здружението за рурален развој „Јавор“ од Зрновци, продолжија со теоретско предавање и практична обука за производство на т.н. трутово млеко, како дополнителен корисен продукт во пчеларството.
Дел од предавањето и обуката се одржа на теренот во околината на Зрновци каде се наоѓа и пилот пчеларникот на пчеларство „Данев“. Притоа беа претставени главните карактеристики што ги има трутовото млеко и неговите предности во подобрувањето на имунитетот и целокупната здравствена состојба на луѓето кои го користат во исхраната.

Интересот за предавањето беше голем и дојдоа пчелари од повеќе градови од Македонија, а предавач беше Пламен Христов, пчеларски експерт и доцент на Институтот за сточарство од Костинброд, во софиската област во Бугарија. Тој нагласи дека трутовото млеко меѓу бугарските граѓани не е нов и непознат пчелен продукт, но и тие сè уште малку го користат, поради што неопходна е поголема едукација – и на пчеларите кои треба да го произведат, и на населението кое треба да биде подобро информирано за лекувачките и други својства што тоа ги има.
-Производство има од ентузијасти пчелари коишто ја следат литературата и се интересираат за прашањата поврзани со трутовото млекото. Меѓутоа, масовната консумација сѐ уште не е толку застапена во Бугарија, како за него, така и за другите пчелни производи, како што е цветниот прав, прополисот итн.

За прополисот има поголем интерес меѓу луѓето, меѓутоа не толку како за медот, истакна Христов.
Со оглед што ниту во Бугарија, ниту во Македонија нема пишана литература за производството на трутово млеко, една од задачите во проектот е да се издаде кратка, но содржајна брошура, како советник за пчеларите.

-Сакаме да опфатиме сѐ што конкретно е поврзано со трутовото млеко, како научни, така и други информации, претежно од руско говорно подрачје, затоа што тие имаат такви публикации. Ќе користиме и од српски и од англиски информации, за да ги вметнеме во брошурата. Сакаме корисноста од трутовото млеко да ја презентираме во неа, но не како производ којшто има лекувачки својства, туку како прехранбен производ, како деликатес и како додаток во храната. Спротивно од тоа што сака ЕУ да прави вештачко месо и други современи делови во исхраната, коишто може да имаат чуден и непријатен вкус, кога ќе го споредиме со трутовиот хомогенат и трутовото млекото, што фактички е едно исто, тие се многу повкусни за луѓето и полесно се прифаќаат, додаде Хрисотв.
Освен позитивниот здравствен ефект кај корисниците, со производството на трутовото млеко се овозможува дополнителен финансиски бенефит за пчеларите.

-Би требало да биде така секоја, затоа што во секоја човекова дејност во којашто се вложуваат труд и материјални средства, очекуваме дека ќе биде вратено. Во пчеларството од оваа логика не е баш присутна, затоа што претстои долг пат додека широката популација го прифати како производ, меѓутоа од некаде треба да се почне, нагласи Христов.
На предавањето за пчеларите од државата беше истакнато дека ако се направи споредба во однос на цената на матичниот млеч, трутовото млеко е поприфатливо и попристапно за граѓаните, иако тоа ги нема истите карактеристики.

– Ефектот не е ист, но вистината е дека 50 проценти од состојките и кај матичниот млеч и кај трутовото млеко се исти. Во однос на цената, разликата е километарска, матичниот млеч е многу квалитетен и го прави одличен производ, меѓутоа е скап. Треба да биде во корелација со кинескиот матичен млеч којшто е најевтин. Трутовото млеко или трутовиот хомогенат ќе биде многу поевтин затоа што фактички се користи како додаток за исхрана. Она што е интересно е дека во современиот свет има вишок на калории во исхраната на луѓето. На пример, кај некои микроелементи, како цинк и селен или некои витамини, за современиот човек се дефицитарни, тој нема пристап до нив. Од една страна имате вишок на калории, а од друга страна имате недостаток на микроелементи коишто прават проблем за човековото здравје, информираше Христов.
Граѓаните од источноевропските земји, главно во Русија, Украина, Романија, Молдавија и другите од одамна го користат трутовото млеко како додаток во исхраната, додека на Балканот тоа е многу малку застапено или сосема непознато.

-Зависи од психологијата на луѓето, и од тоа што има на пазарот, што се нуди. Исто така и од она што го има во современите кулинарски списанија и едиции, каде што се промовира мононатриум глутаминатот, којшто е засилувач на вкусот во исхраната. На пример, во сините зони на островот Окинава во Јапонија, ги нема тие работи затоа што јадат природна храна, а од другата страна ја имаме западната цивилизација којашто претежно јаде брза храна во форма на хамбургери и слични производи. Сметам дека со зголемувањето на едукацијата, стремежот кон природните материјали, кон природната храна има иднина за консумација, заклучи Христов.

При практичната обука на присутните пчелари им беше претставен начинот на производство на трутово млеко. Најпрвин од пчелните рамки, т.н. градежници во кои претходно не е поставена жица и восок за да се стимулира добивањето трутови ларви, беа исечени парчиња и ставени во едноставна преса со цедалка. Кратко време по пресувањето почна да се цеди трутовото млеко, кое веднаш беше подготвено за користење, а присутните пчелари имаа можност да го пробаат.

Во вториот дел од обуката, се одржа теоретско предавање со видео презентација, при што беа претставени други детали за трутовото млеко, а пчеларите имаа можност да поставуваат прашања.
Проектот „Паметен соларен пчеларник“ е подржан од Европската Унија и Владата на Црна Гора преку регионалниот проект „EICEE-Екосистем за екоиновации и циркуларна економија на Западен Балкан“ и ќе трае до средината на декември оваа година.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






