Здружението на граѓани за културно-уметнички дејности „Одоната” од Кочани беше организатор на проект насловен „Репродуктивна уметност и дизајн со инспирација од шпанската естетика – Создавање на органски врски со традиционални состојки од Кочани“.
Проектот опфати отворена работилница во која локални уметници и млади учесници изработуваа продукти и слики од рециклирани и органски материјали, преку спој на уметноста, архитектурата и современиот дизајн, проследен со инспирација од шпанската естетика.
Културно-уметничкиот настан беше под покровителство на амбасадата на Kралството Шпанија, а тоа беше повод за присуство на амбасадорот Рафаел Соријано Ортис.

-По втор пат имаме можност да соработуваме помеѓу нашите институции и овој пат активноста да се реализира во Кочани. Уметноста мислам дека е една најсилните алатки којашто овозможува да се зближат два народа. Станува збор за млади и верувам дека секој ќе може да најде интерес преку уметноста да се запознае, да се зближи и поврзува со Шпанија. Се работи за примарен продукт што се користи, тоа се остатоци од ориз што е една од главните дејности на градот. Значи, Здружението „Одоната“ со своите членови, уметници, секој во својата област и дејност, ќе работат со тоа што ќе произлезат продукти коишто на некој начин ќе дадат живот на поврзаноста со Шпанија, истакна амбасадорот Ортис.

Во реализацијата на работилницата под наслов „Органика“ беше вклучена и Љупка Коцева, млад ликовен уметник од Кочани.
-Благодарна сум што Здружението „Одоната“ ме покамни да бидам дел од нивниот тим, а исто така сум возбудена бидејќи ова денес ќе биде и мој прв проект и ќе изработиме масичка украсена со оризови лушпи. Тој материјал навистина се провлекува наназад во историјата, материјал којшто останува по полињата и нашите предци секојдневно се среќавале со него, почнувајќи од обработката на ориз, па сѐ до градењето на куќите. Доколку прошетате низ Крушарското Маало, на малкуте примери што останаа во тој дел, може да забележите дека оризовата лушпа од арпа се користиле во изградбата на куќите, односно во пополнување на ѕидовите заедно со песок, со кал и сламата во нивниот состав. Сакам да кажам дека овој материјал навистина е една традиција за Кочани и многу ми е задоволство што ќе можеме и ние денес во еден современ дизајн до го употребиме овој материјал, истакна Коцева.

Во рамки на настанот беа изложени уметнички творби на здружението „Одоната“, низ кои проткајуваше шпанската естетика и традиција.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






