ОУ „Синиша Стоилов“ од Зрновци беше домаќин и организатор на работилница со учениците на која тие се обучуваа за производство на хартија, за што една од главните суровини беше оризовото брашно.
Покрај домаќините, на работилницата присуствуваа и ученици од основните училишта од соседните општини Кочани, Виница и Чешиново-Облешево.
Преку практични вежби, учениците учествуваа во подготовката на суровините што се користат за добивање харитја, при што оризовото брашно го мешаа со картонски остатоци, а по додавањето лепило смесата ја поставуваа во посебно изработени калапи. Потоа ја цедеа и ја сушеа на сонце.
-Предметните наставници по ликовно образование со по два ученика на денешната работилница изработуваат хартија од ориз, како и палачинка од ориз, но и традиционалните јадења – пилав и сутлијаш. Целта на работилницата е да се изработи хартија што подоцна ќе ни служи за ликовната колонија, што ќе биде во организација на Општината по повод Денот на општината. Подоцна хартијата ќе биде насликана, што значи дека сами ќе го произведеме материјалот за колонијата. Дегустацијата на храна е со цел да се подигне свеста кај луѓето за здрав живот и користење на брашното од ориз, истакна Слаџана Гаврилова, директорка на ОУ „Синиша Стоилов“.
Поддршка во реализацијата на работилницата даде и компанијата за откуп и преработка на ориз „БМФ“ од Зрновци, за што од организаторите ѝ беа врачени благодарници и скромни подароци.
Исто така, признанија за учеството и помошта во производството на хартија од оризово брашно добија и учениците и наставниците од училиштата кои беа вклучени во работилницата.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.