Блокирани влезови имаше попладнето фабриката „Зона Трико“ од Виница. Работниците и доверителите на тој начин се обидоа да го пречат изнесувањето на машини откако забележале дека во фабричкиот круг дошле камиони во кои требало да се натовари опремата.
Пред портирницата дојде и стечајниот управник кој го донесе, решението од судот дека сопственикот на фабриката смее да отуѓува ниту еден дел од имотот. Дел од вработените кои се членови на сидникатот рекоа дека со години чекаат да им бидат исплaтени зостанатите плати, за кои уште на минатогодишните протести информирrаа дека за четири месеци добивале надомест само по 1 денар.
– Еве, камиони има тука, товарени машини, газдата никаде го нема. Ние сме засегнати и сакаме да се расчисти случајот. Кривична пријава имаме поднесено, ама ништо, реакција нема веќе два месеци, значи сите се на негова страна, сите го штитат. Испративме писма до сите министерства, наидовме на одѕив само во Министерството за труд и социјала, ни одговорија и ни кажаа дека ќе се ангажираат, а другите останаа да молчат, не комуницират со нас, немаме никакви сознанија. Меѓутоа, ние не се откажуваме, ќе одиме упорно, рече Лилјана Стоименова , работничка од “Зона Трико“.
– Во која фирма се изнесуваат машини во време кога е поведена стечајна постапка? По сите институции одиме и досега никој не се огласи по тие наши барања. Не бараме ништо друго, освен личните доходи да ни се исплатат, тоа е наше право и никој не може да ни ги скратува тие права. И ќе одиме до крај, нема да застанеме на тоа, се додека нешто не се расчисти, рече Павлина Арсова, работничка од “Зона Трико“.
Освен поранешните работници во “Зона Трико“, побарувања имаат и доверителите кои извршиле услуги, а подолг период чекаат да им биде платено за тоа.
– “Зона Трико“ ми должи веќе 2,5 години, 50 илајди евра за услуги направени во превоз, за транспорт на стока за Германија. Значи, покрај сите молби и неколку средби со сопственикот на фирмата, денеска ќе дојдат купувачи, утре ќе дојдат, задутре ќе дојдат, денеска видовме дека ќе изнесуваат повторно машини, неколку пати бевме сведоци на изнесување машини. И кога сега видовме, реагиравме до извршители, до стечајниот, претстечајниот управник кој го донесе решението од судот дека има забрана за изнесување и какво било влегување во фирмата, рече претставник на доверителите.
Според сознанијата што ги имаат доверителите, фирмата “Зона Трико“ им должи вкупна сума од околу 1 милион евра. Од имотот со кој располага во моментот фабриката, тие не се сигурни дали ќе можат ги наплатат своите побарувања. Бараат надлежните да го спречат изнесувањето на машините, односно да се преземат мерки против направеното прекршување на решението што го донел судот.
Т. Ајтовски
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.