По повеќегодишна пауза во работењето, повторно е активиран фолклорниот ансамбл оркестар „Осоговски извор“ од Оризари, кој исполнува изворни народни песни и ора од регионот на Осоговијата. Повторното почнување со активности всушност е продолжување на работата на познатите Браќа Стојанови, чие потекло е од овој крај, а кои се и зачетници на ансамблот.
Во салата на Домот на културата во Оризари веќе се изведуваат првите проби со членовите играорци, а активиран е и оркестарот на изворни инструменти.

-Фолклорниот ансамбл „Осоговски извор“ постои уште од 1972 година, кога е формиран, а сега го обновуваме. Имаме играорна група со дечиња, околу 30 члена доаѓаат на првите проби, а има и повозрасни, инструменталисти кои музицирале и порано, па продолжуваат и сега. Во план е во наредниот период да се изучува и вежба изворно пеење од нашиот крај, како и на изворните, традиционални македонски инструменти. Ќе го негуваме македонскиот фолклор, но цел ни е да го застапуваме осоговскиот крај, односно изворниот фолклор од Браќа Стојанови. Ние сме нивни наследници, да продолжиме и со оркестарот и со играорната и пејачката група. За почеток сум презадвололен, затоа уште на стартот имаме многу дечиња кои сакаат да ги изучуват изворните инструменти, истакна Никола Стојов, претседател на ФА „Осоговски извор“.

Најголем број од членовите на ансамблот се Оризари, но има и од Кочани, како од околните села. Владимир Стојанов е еден од шесте членови на познатите Браќа Стојанови, кој присуствува на пробите и им дава поддршка на младите фолклористи.
-Многу ми е драго што тоа нема да запре, туку ќе продолжи и понатаму. Тоа ме мотивира, среќен сум, тоа беше наш почеток, ама нема да престане, ми се чини долго време ќе оди натаму, истакна Стојанов.
Со младите членови на ансамблот работат искусни фолклористи, а пробите се изведуваат секој четврток. Од ансамблот „Осоговски извор“ упатија повик до сите заинтересирани и до вљубениците во изворната музика да им се придружат.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.