Начините за дигитализација на бизнисите што ги водат жените претприемачки заради полесен пристап до средства за нивно финансирање беа тема на регионалната обука што денеска во Кочани ја организираа Програмата за развој на ОН (УНДП) и Националната платформа за женско претприемништво.
На работилницата „Дигитализација, финансии и оформување на цени“, на која учествува претставнички од бизнис секторот и невладини организиации од регионот, беа објаснети можностите што ги нудат современите дигитални техники за развојот на енергетски ефикасно производство.

– Целта е да се стигне до бизниси што се климатски понеутрални, односно до такви деловни активности што повеќе ќе придонесуваат за таканаречената „зелена економија“. Во својата дефиниција дигитализацијата има широк опфат, но во зависност од областа во која се насочени бизнисите на жените претприемачки, ние овде зборуваме за тоа како со мали и постепени чекори тие да применуваат дигитални алатки. Со нив треба да си го олеснат работењето, а истовремено помалку да придонесуваат за нарушувањето на животната средина во која дејствуваат, истакна Александар Целески, национален консултант во УНДП.
Регионалната обука во Кочани е дел од проектот за јакнење на капацитетите на жените претприемачки за одржлив развој на бизнисите, обезбедувањето извори за финансирање, определувањето вистински цени на производите, унапредување на маркетиншките вештини и техниките на продажба.
Во рамки на проектот ќе се одржат уште неколку обуки каде целна група се жените кои имаат бизнис идеја или почнале со сопствена компанија во производствените и услужните дејности.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.