Системските недостатоци, пречките и проблемите со кои се среќаваат жените претприемачки при оформувањето на компаниите и на почетокот од водењето на нивните бизниси, беа тема на регионалната работилница „Цели за одржлив развој и циркуларна економија“ што денеска се одржа во Кочани.
На обуката што ја организираа Програмата за развој на ОН (УНДП) и Националната платформа за женско претприемништво, вниманието беше насочено кон развојот на зеленото и енергетски ефикасно производство.
– На државно ниво многу малку се работи на оваа проблематика, главно при оформувањето на компаниите и почетните чекори во водењето на бизнисите кај жените кои се одлучиле за претприемништво. Ова особено се однесува на таканаречената „зелена економија“ за што државата има потпишано голем број договори и документи со кои се обврзува да го намали испуштањето на јаглеродни честички во воздухот. Мора да ја подигнеме свеста, пред сè кај претприемачите, во случајов кај жените, што значи здрава животна средина и преку кои техники на производство и водење бизнис можат да дадат придонес на тој план, истакна Дарко Црвенковски, програмски соработник во Одделот за животна средина на УНДП.
Целна група на обуките се жените кои сакаат да развијат бизнис идеја или веќе почнале со сопствена компанија, без разлика дали се работи за производство или обезбедување услуги.
Работилницата во Кочани е дел од проектот за јакнење на капацитетите на жените претприемачки што се состои од неколку сетови со различни обуки, а првиот е наменет за целите за одржлив развој. Во рамки на проектот ќе се реализираат обуки и за обезбедување извори за финансирање на бизнисите, за техниките на продажба, за определување на вистинската цена на производите, унапредување на маркетиншките вештини, освојување нови пазари и развивање на т.н. брендинг.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.