Македонските библиотеки воопшто не се евидентирани во мапата на Меѓународниот сојуз на библиотекарски здруженија и установи IFLA, поради што домашната библиотечна дејност повеќе од три децении е непрепознатлива на светско ниво.
Таквата состојба е повод Библиотекарското здружение на Македонија да го реализира проектот „Како до подобри услови за работа на библиотеките и до подобра норматива за вршење на библиотечната дејност“, во чии рамки во библиотеката „Искра“ во Кочани се одржа работна средба со претставници од општинските, училишните и други библиотеки од источниот регион.
-Наш предизвик е до крајот на оваа година да собереме податоци од сите видови библиотеки во државата, за да ја пополниме светската мапа на библиотеки при IFLA. За жал, само нашата држава и Косово се единствените кои немаат дадено никакви податоци за тоа каков тип библитеки имаме, со што располагаме како простор, книжевен фонд и други ресурси. Се работи за крупен потег, но тој ќе овозможи да бидеме видливи во светот. Веќе одржавме неколку регионални средби, оваа во Кочани е претпоследна, а се договараме како да се пополнуваат податоците, по што ќе следи анализа и работилница за сите прашања и предизвици со кои се соочуваат колегите од библиотеките, истакна Јана Михајловска, претседателка на Библиотекарското здружение на Македонија.
Во собирањето на податоците ќе бидат вклучени општинските, училишните, фабричките, приватните и сите други видови библиотеки што работат во државата. До средината на октомври треба да завршат работните средби со претставниците од библиотеките, по што кон крајот на месецот е предвидена работилницата што ќе биде завршница на овој дел од проектот.
Проектот „Како до подобри услови за работа на библиотеките и до подобра норматива за вршење на библиотечната дејност“ се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.